31-01-2009

Разговор со Љупчо Илиевски, фотограф

... За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлина и тоа не актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни теми кои ги обработува долг временски период. Така, лустерот од Офицерскиот дом го сликал од 1982 до 1993 година. Вели дека со тој лустер се инаетел цели 11 години, собирал податоци за него, истражувал, во него наоѓал лузни, траги. Многу чувства внел во таа работа. Во последниве седум години е на мегдан со историја стара 4.000 години. Вели, приказната со Кокино не е завршена. Има уште што да запише со светлината.

Како се запознавте со Кокино?
- Од Македонското истражувачко друштво ме замолија да направам неколку професионални фотографии кои понатаму ќе помогнат во стручната анализа. Кокино ме освои уште при првото искачување, тоа е света планина и има моќ да плени. Тогаш знаев дека ќе излеземе на мегдан и дека тоа ќе биде долга борба. Направив серија фотографии од теренот, а продолжив со археолошка и со астрономска фотографија, која во земјава има мала традиција. Астрономската фотографија бара специјална апаратура, но и снаодливост. Кокино го работам веќе седум години, а од таа работа излегоа многу убави приказни. Таму има едно дрво кое го сметам за амајлија, секогаш кога се качувам на Кокино го поздравувам со фотографирање. Старите приказни раскажуваат дека осамено дрво станува свето и дека ако искинеш дел од својата облека и го закачиш на некоја гранка ќе ти се исполни некоја желба. Тоа се уште не сум го направил, но планирам.

Велите, временските услови не Ве спречуваат да се качите на светата планина. Како изгледа еден ваш “работен” ден на Кокино?
- Кокино го сликам дење - ноќе, во зима - во лето, во сите временски услови. Работата на отворено е многу специфична особено на терен што е исклучително каменит. Ако треба да ја снимам Месечината, физичарот Ѓоре Ценев ми дава точни податоци за нејзиното движење, низ кој нишан ќе помине, во кое време, го бараме видниот агол и почнувам да ја подготвувам опремата. Таа подготовка може да трае и шест месеци. Астрономските појави се чекаат многу долго, а траат многу кратко, триесетина секунди. На Кокино заминувам под притисок, со тензија што ми ја стега душата, дека морам да успеам, дека не смеам да згрешам. Оти, да речеме, Сонцето низ еден прекрасен маркер минува еднаш во 19 години. И замислете да не ја направите таа фотографија. Треба да чекате цели 19 години за да го повторите обидот. На Кокино сум се искачил барем 100 пати, натоварен со сета тешка опрема. Сум чекал со часови за да уловам добра фотографија, сум ја проверувал поставената опрема многупати, а моментот ми го расипувало некое неочекувано облаче. Така, фотографијата може да донесе многу тага, но и голема радост. Вистинскиот фотограф уште со чкрапањето на чкрапалото знае дека го уловил моментот и дека направил добра фотографија. Ако ја имате фотографијата, вие сте во облаци. Знаете, работата на отворено честопати не е фер. Како природата да се штити со многу силен ветер, со пороен дожд и со густи облаци. Во такви услови ви пропаѓа работата. Но, во друга ситуација ви овозможува и толку убави моменти за фотографирање што и наплаќате со камата.
Сам човек не може да и се спротивстави на таа света планина. Неопходна е помош за да се совладаат тие предизвици. Мене сесрдно ми помогнаа членовите на Македонското истражувачко друштво Ѓоре, Ванчо, Даниел, Никола и Чедо. Многу сум им благодарен.

Какво е чувството да стоите на 4.000 години стара историја и да пишувате со светлина? Што ви откри Сонцето на Кокино?
- Уште при првото искачување на Кокино, кога ќе ве обземе светата планина мора да решите што ќе правите понатаму. Прво почувствував зачаурена мистичност, возвишеност, која неколку дена не ми даваше мир да решам како да ја фотографирам. Решив, по секоја цена, моите фотографии на Кокино да имаат мистичност, иреалност, потенцирана со магла, со облаци, со бои и зраци и цели седум години го следам тој правец. Сето тоа е дополнето со нагласување на континуитетот на животот на тие простори. Благодарејќи на Интернетот голем дел од моите фотографии отидоа во светот, на пример на сајтот “Мегатилик” од каде што добив одлични оценки и позитивни критики.

Вашите фотографии од Кокино се најдоа во најновото издание на мегапопуларниот магазин “Нешнел Џиографик”? Како дојде до соработка со магазинот кој објавува исклучиво врвни фотографии?
- “Нешнел џиографик” за првпат објави репортажа со фотографии и текст од македонски автори за локација што се наоѓа во Македонија. Тоа за мене е големо признание. Одговорните од магазинот ги следат фотографиите што се објавуваат на Интернет, меѓу кои можат да се сретнат и мои фотографии и се јавија. За нив е многу важна мојата седумгодишна работа на Кокино и тие долго ме убедуваа да отстапам дел од моите фотографии за објавување. Сметам дека објавувањето фотографии во “Нешнел џиографик” е врвот во работата на еден автор.

Ќе има ли прилика пошироката македонска и светска јавност да ги види вашите фотографии од Кокино на изложба или во монографија?
- Една постојана изложба на фотографии и еден каталог за Кокино може да биде најдобар амбасадор на оваа земја, секаде каде што нашите политички претставници ќе отидат во официјални посети, за светот да разбере дека на овие простори има население во континуитет од 4.000 години. Изложбата ја подготвувам подолго време, но не добивам шанса да ја организирам. Јас не се откажувам, но засега тоа е тешко. Подготвувам и монографија со повеќе од 100 фотографии.

Верувате ли дека УНЕСКО ќе помогне за подобра промоција на Кокино?
- Многу години поминаа, а локалитетот не се загради. Мали луѓе со големо его почнаа да испишуваат имиња по камењата. Ние имаме обврска кон себе, но и кон светот, зашто Кокино е светско богатство. Должни сме да го заштитиме Кокино. Тие карпи многу лесно се кршат, а луѓето таму одат без водичи, се искачуваат до највисоките точки. Тие не размислуваат дека со тоа искачување може да се скрши маркер што стоел 4.000 години. Сметам дека ни недостига стратегија и добра организација. Годинава се вложи во ископувањата како ниедна година пред тоа, само би сакал тоа да трае во континуитет, да не биде кампањски. Овој локалитет треба да се заврши дефинитивно.

Почнавте ли да верувате во легендите за Кокино? Ви се смени ли судбината откако толкупати одблиску се сретнавте со Сонцето на светата планина?
- Судбината не ми се смени оти приказната се уште не сум ја завршил. Ми останаа уште фотографии што сакам да ги направам. Се обидов да направам интересна интервенција во просторот, необична визура на реалното и иреалното, со огледала со кои ќе затворам 360 степени фотографија. Дел од тие фотографии се направени, но дел треба да се направат. Ми недостигаат и неколку вечерни фотографии. Си поставив голем предизвик и мора да го завршам. Чувствата горе дишат преку објективот и нема зборови да се опишат. Само ние меѓу себе си ги кажуваме, а моја е привилегијата потоа да ги раскажам и на пошироката јавност.