Очовечениот крст на Љупчо Илиевски

Треба многу уметничка храброст човек да се зафати со она со што се зафатил првенецот на нашата уметничка фотографија (или поточно, фото-поезија), маестро Љупчо Илиевски: серијал уметнички фотографии за крстови. „Да фотографирам крстови?! Па сите се исти!“ би била реакцијата на обичниот фото-уметник.
И навистина, крстовите се нормирани во изгледот, религиозно канонизирани, дури и во бојата (нема розов крст). Точно се знае што е крст, а што не е, и како треба да изгледа а како не! Тоа е првата од трите сериозни пречки со кои морал да се соочи Илиевски. И како тогаш да се оствари уметничка слобода, како да се задоволи основниот закон на секоја уметност – индивидуалниот пристап кон темата, кога самата тема е – веќе стилски канонизирана? И тоа на истиот начин на кој се строго канонизирани и лицата на светците за фрескосликарите и иконописците. Не може некој зограф да биде „креативен“ со тоа што ќе му ја смени физиономијата на Исус, или ќе го измени ликот на Богородица додека го оплакува Христа! Така и фотографот: што може да понуди како уметничка иновација при фотографирањето крст?
Втора пречка: не само што крстовите се нормирани во изгледот, туку нормирано е обично и местото (локацијата) на нивното поставување: на црква, на гробишта, или на највисоките ридови чија позадина е небото. Тоа значи дека и „сценографијата“ на крстовите е – ограничена, посебно во колоритна смисла. Мора многу човек да се игра со бојата, да биде вистински голем мајстор на светлината, за на секој крст да му вдахне различна душа, и различна температура на таа душа – преку светлината, сенката и бојата!
Трето: кога крстот се одбира за тема на визуелно претставување, сликарот и фотографот имаат уште едно, не помалку важно ограничување: гледната точка. Крстот е можеби единствениот објект што може да биде сликан само анфаз. Крстот нема профил: ако го сликате или фотографирате од профил, станува непрепознатлив. Личи на обична линија и го губи симболизмот. И уште: крстот нема аверс и реверс, нема лице и тил: од двете страни има - лице. Затоа и е еден од најчудесните симболи на светот и има повластено место во општата митологија, не само во христијанството.
Сите три нешта се сериозни ограничувања за медиумот фотографија и за уметничката слобода на фотографот.
            Но, Илиевски е мајстор. Тој гледа слобода дури и таму кадешто никој друг не ја гледа, и затоа е голем уметник. Тој не бега од овие три пречки: големиот уметник и е голем затоа што совладува навидум несовладливи пречки, па невозможното го прави возможно. И затоа имате: крст што изгледа како да изнурнува од земјата во која бил закопан (сјајна метафора за Воскресението човеково). Навален гроб на кој крстот стои и не паѓа (сјајна метафора за тоа дека секој човек носи свој крст па сепак не паѓа, без разлика колку е животот „крив“ и тежок). Имате кај Љупчо и генијален крст од гроб „на угорнина“, па крстот личи на човек кој се качува кон дрвото (сјајна метафора дека животот е качување нагоре, кон небесното царство и кон дрвото како централен симбол на рајот од кој некогаш сме биле избркани). Потоа: два крста, едниот поголем (машки), а другиот помал (женски), како изнурнуваат од земја, зашто љубовта е Воскресение самата по себе. Потоа: крст на гроб сликан „одзади крстот“, не „од лице“, за да се покаже дека и од другата страна на животот постои истото лице и дека смртта не е крај, туку само огледало низ кое проѓаме. Потоа: карпа која личи на крст (сјајна метафора дека човекот со својот крст е посилен и од камен). Потоа: крстот на Водно (кој едвај ќе го препознаете во визијата на Илиевски), завиен во неовоземни и неовонебесни облаци, неогаш сиви, некогаш огнени (цел серијал). Тој обичен, „технички“, монтажен метален крст овде изгледа магично, зашто се издигнува фатен од нашиот маестро во миг кога ни се чини дека го покажува нестварното царство небесно. На тие маестрални фотографи само крстот е „опипливо“ и стварно нешто, другото е надреално! Потоа: цел серијал фотографии на крстови обраснати со мов, и крстови на камени гробови, каде на камен(!) расне зелена трева (сјајна метафора за тоа дека смртта е само премин кон друга форма на живот). И најнакрај, фотографии на кои конечно се појавува и фигурата на човекот, и тоа како летач, како Икар, во синергија со крстот. Таму човекот лета кон крстот: со параглајдер и со авион. Каква сјајна метафора дека и техниката треба да  служи за духовно летање, за пат кон Бога, а не само за да се стигне до некоја дестинација: аеродром.
            Она што е фасцинантно е: кај Илиевски крстот, кој е симбол на Спасителот, кажува секогаш исто - крстот е човек. Ако крстот е човек, а Спасителот пострада на крстот, не само што спасителот пострада за човекот, туку пострада за да му каже дека и тој е бесмртен. Оваа човеколикост на крстот и оваа бесмртност на човекот се темелните пораки на овие мали ремек-дела.
            Што да се каже? Пред крстот и Бога човек може само да се прекрсти и помоли, а пред маестро Илиевски само да се поклони и да рече: браво маестро!
                                                                                                                                                                                         Венко АНДОНОВСКИ