Живото тело на крстот

Жерар Женет, еден од најпознатите филозофи и семиолози, во својата студија Мимологии, објаснува од каде потекнува старогрчкиот збор за „знак“, сема. Сема (знак, обележје), според него, настанала со паронимиска мотивација од зборот сома (тело). Така, местото каде луѓето го положуваат мртвото тело, според звучна сличност (сома-сема) се нарекло сема (знак), затоа што на секој гроб се остава по некаков белег. Според тоа, зборот за „гроб“ имал прво значење – знак, обележано место каде се сохранило нечие тело. Дури потоа „знак“ се претворил во – „гроб“.
            Истото, без (претпоставувам) да ја чита оваа студија, ни го покажува, во својот веќе препознатлив, раскошно-метафоричен фотографски уметнички стил маестро Љупчо Илиевски, во серијалот уметнички фотографии посветени на надгробните обележја – стари крстови. На тие фотографии има само – живот, односно – Воскресение. На сите нив е претставено живото тело на крстот, како воскреснато и затоа – бесмртно. Неговите крстови се доказ за тезата на Женет – дури и телото да е смртно и да исчезнува во гробот, обележјето, односно значењето кое е оставено на гробот е бесмртно. Телата заминуваат, значењето (на човекот) засекогаш останува. И навистина – луѓето доаѓаат и си одат од овој свет, ама значењата што ги оставиле зад себе, било како книга, слика, фотографија, архитектонска градба – остануваат. Во крајна линија, остануваат нивните потомци; а има ли поголемо значење, има ли поголема информација за нашите родители од нас самите? Впрочем, современата генетика тоа најубаво го покажува.
            Ако ги погледнете сите овие живи крстови од колекцијата на маестро Илиевски, ќе се потсетите дека крстот, без разлика на нашата секојдневна автоматизирана перцепција (а го перципираме главно како „амблем“ за христијанството), си има своја жива и жилава симболична, многулјадна сликовита традиција. Крстот е човек. Со раширени раце. Преку фотографиите на маестро Илиевски ќе се разбуди во вас колективното несвесно, архетипот на човекот – а тој е секогаш суштество подготвено за прегратка. Со некого, со светот, со космосот. Во крајна линија – прегратка со значењето, свое и на космосот во кој човекот е поставен и оставен да го разбере. Ќе се разбуди, преку овие фотографии во вас и претхристијанското значење на крстот, зашто крстот е универзален симбол кој постоел и пред христијанството; љубопитниот човек, оној со раширени раце, постоел пред Христа, отсекогаш.
            Погледнете ги добро овие фотографии: на нив, крстовите на Илиевски се место за средба на минатото и иднината. Единствено место на кое се допираат две сега непостоечки нешта: она што бесповратно заминало (минатото) и она што допрва треба да дојде – идниот вечен живот. Таа средба на минатото и иднината се случува пред ваши очи, и сега. Тоа е магијата на овие фотографии – митот за Воскресението се случува во овој момент, пред вас! Мовта и оксидациите од гниењето, карактеристични за телото, на самиот крст се допираат со значењето, со вечното и неминливото. Крстот во фотографиите на Илиевски е место на допир на небото и земјата.
            Христос пострада на крстот за човекот и неговото вечно спасение. Зеде тело на човек (сома), за на истиот тажен и преплашен од смртта човек да му го предаде тајното и вечно зна(ч)ење (сема) – бесмртен си, Човеку, иако ти изгледа дека умираш. Ти си сема (значење, душа), а не сома (минливост, тело). Искористи го тоа; смртта не е крај, туку само нов почеток, нов живот кој ќе се случи со твоето раѓање во гробот, Воскресението. Затоа и онаа религиозна поука – ваистина, ваистина ви велам, ќе дојде ден кога сите ваши дела откриени ќе бидат! И сите ќе воскреснат, по Вечниот суд, и со душа, но и со – тело! Тука христијанството е најоптимистичната религија, во човечка смисла! Таа го враќа и телото во вечниот живот!
            Па погледнете, драги мои во оваа мала симфонија на бесмртноста на Илиевски! Што изнурнува и изникнува од земјата во која како семиња садевме тела со милениуми? Телата на наши најдраги и најблиски?! Излегува човек, човек со раширени раце! Излегува живото тело на крстот!
            И само уште ова: бесмртноста на овие слики, на овие живи крстови не е најдена од уметничкиот фотограф. Таа е видена, означена, произведена. Каква би била таа бесмртност кога би се наоѓала, без сопствена заслуга, како што се наоѓа предмет што некој го загубил? Бесмртноста се заслужува.
            Сакам да кажам – за таа радост што ја гледате на сликите е заслужен и фотографот. Тој знае. Не го знае само местото каде ги „нашол“ овие крстови, туку знае и како да ја виси бесмртноста на нив. Тајните на неговиот занает знаат. А ние можеме само да се радуваме што некој го живото тело на Крстот.
                                                                                                Венко Андоновски