ПРИПИТОМУВАЊЕ НА КРИКОТ

 
            Фотографијата, онаа уметничката, е припитомување на вечноста, нејзин превод во визуелен јазик разбирлив за човекот.           Фотографиите на Љупчо Илиески се најчиста реализација на оваа дефиниција. Секоја негова фотографија е отсечок од бесконечното време-простор. И кога фотографира пејсаж, и кога фотографира напуштена селска куќа која станува метафора за човек со испустена душа, и кога фотографира (во серија фотоси) галеб кој слетува, неговата фотографија сведочи дека таа уметност, уметноста на фотографијата, најчисто од сите уметности ни покажува како функционира човековата свест, нашиот ум, нашето познание на светот: преку кадрирање, а тоа значи избор и на објектот и на моментот кои треба да се сочуваат како перцепција на Целото и Едното. Во тој личен избор на временската и просторната синегдоха е величината на уметникот – фотограф, и тука Љупчо Илиевски е ненадминлив. Затоа стварноста на фотографиите на Илиевски е очудена. Кога ги гледате неговите фотографии, си велите: „Господе Боже, сто пати сум видел камен, лебед, галеб, куќа, но никогаш не сум видел дека тие вака изгледаат. Ако „обичните“ фотографии „ловат“ феномени, тогаш фотографиите на Илиевски ловат чисти ноумени – зад површината се гледа суштината. И кога фотографира камен, тој како да ја слика каменитоста како суштина на секој камен; кога слика езеро, ја слика езероликоста; кога фотографира небо, ние ја гледаме небесноста на небото. Како тоа му успева, знае само неговата свест, која одбира што ќе сегментира од континуумот на универзумот. 
            На оваа изложба, за свој објект Љупчо го одбира театарот, уметност која еднаш веќе го сегментирала и „просеала“ светот низ своето око. Со самото тоа, неговите фотографии стануваат двојна фокализација, двојна леќа низ која се гледа светот; стануваат чиста есенција на стварноста, како двојно печена ракија – препеченица. И веќе тој факт на овие фотографии им гарантира една посебна уметничка бесмртност и необичност: тие се она што се вика семантичка бездна, односно мизенабим. Нацртајте куќа, па во неа нацртајте помала, па во неа нацртајте уште помала – ете ви мизенабим, еротска бездна на огледалните знаци. Тоа е огледување на малото во големото, на театарот во фотографијата, а самиот театар е пак огледување на светот.
Но, погледнете ги моментите што Илиевски ги одбрал за да ја припитоми вечноста на театарот. Ја одбирал суштината на театарскиот чин, а тоа е крикот. Нема театар без крик. И трагедијата е крик. И комедијата е крик. Крик над несовршеноста на човековото суштество, над неговата минливост, глупост и смртност. Љупчо тоа го знаел. Погледнете ги сите овие театарски фотографии, снимани по разни поводи, од МОТ, преку други театарски фестивали, до репертоарни претстави, и во широк распон на изведувачи - од наши македонски театри до театри од Црна Африка (театар од Мали, на пример) – сите тие се припитомување на крикот. Понекогаш, тој крик се јавува низ портрет (лицето на актерот), понекогаш е тоа играта на светлината и темнината, понекогаш е тоа голото човечко тело. Понекогаш тоа е елемент на сценографијата, чиста метафора. Понекогаш е тоа фреска, колективна сцена, во која лицата на актерите се движат од демонологија до мартирологија, од ѓавол до светец. Понекогаш тоа е некој артист чија душа е веќе преселена зад облаците (Мину Угриновска, Душко Костовски, Менде Марковски Илко Стефановски Кирил Ристски , Бранко Ѓорчев...), па Љупчо сака за миг да ни ги врати овде, во оваа привремена Долина на суетата и плачот. Мајсторијата на припитомување на крикот оди до таму што тешко ќе може да се сетите, откако ќе ја видите фотографијата, дали била во колор или црно-бела. Кај Љупчо колорите се осенчени, а црно-белите сенки како да се обоени.
На некои фотографии можете да видите и мирис: чад од огнени змејови, мирис на сено од македонските крвави свадби, телесни мириси од претстави во кои Еросот и страста се единствена облека на телото. Тоа е особина на големите уметнички фотографии: синестетични се, и покрај визуелната, будат назална, акустичка, тактилна меморија. Токму такви, маестрални уметнички експонати на фрактализираната стварност стојат пред вас.
            Допирајте, мирисајте, слушајте, слободно. Само со очи. За да станете свесни за присуството и на другите сетила, кои се неопходни за секое одење во театар. Маестро Љупчо Илиевски ви го овозможува тоа.
                                                                                    Венко Андоновски