Дигиталниот сликар на убавината ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ “УБАВИНАТА ЈА ЖИВЕЕМЕ” НА ЉУПЧО ИЛИЕВСКИ

 
   “Секој чин на фотографирање претставува агресија”-тврдеше ангажираната интелектуалка и филозоф Сузан Зонтаг во својата фундаментална студија ” За фотографијата”. Оттаму, според неа, произлегува и естетиката на суровоста на т.н. политичка фотографи-Ја и медиумската манипулација со неа.
   Но, ако сликањето на животот и луѓето само по себе- и според Зонтаг- претставува политички чин кој, сакајќи или не, создава и еднакво таков политички став, што правиме со пејзажната фотографија? Може ли и таа да биде ангажиран чин и став кој има политичка тежина?
   Изложбата на фотографии “ Убавината ја живееме”, која авторот Љупчо Илиевски премиерно ја постави кон крајот на 2010 година во Ресен, а во рамките на манифестацијата “ Скопско лето- 2011” и во скопскиот Културно -  инфорамтивен центар во јуни 2011, е инспирирана токму од онаа страна на стандардно политичкото во фотографијата. Секако дека неговите фотографии не бегаат од ангажираноста. Напротив, но нивната тематика и композиција не “врескаат” по секоја цена дека ќе го менуваат светот. Затоа имаат и потемелна порака од класичната еколошка, “зелена “ ангажираност :  каде гледаме кога не ја забележуваме убавината која ја живееме?
   Книжевникот и есеист Венко Андоновски неодамна во еден свој текст, кој попатно е инспириран (и) од оваа изложба, убаво забележува дека убавината станала заборавена, закопана категорија во светот на грдото. Затоа и слободно ќе утврдиме дека чинот на самото (ре)откривање на убавината, како секој уметнички чин, станува (мета)физички акт.
   Љупчо Илиевски нема намера да биде “ археолог” кој пропуштајќи одредена количина светлина низ леќите ќе приопшти ново откритие. Но, никако нема да ја пропушти можноста да го документира во манирот на најдобрите мајстори.
   Тоа подразбира макотрпна и долгогодишна, понекогаш и речиси децениска работа и стрпливост, како во случајот со неговата претходна уметничка опсесија, мегалитската опсерваторија Кокино. ( И веќе како што бидува кај нас, со финансиска и логистичка подршка на странските фактори, односно организацијата УНДП). Но, за вистинските мајстори тие временски отсечки не се важни, бидејќи се споредуваат со вечноста. Така е тоа кога ќе се фатите со убавината...
    Потписникот на овие редови беше меѓу многубројните посетители на изложбата, кои со извесна доза на зачуденост го прашуваа мајсторот Илиевски дали користел посебна техника или хартија (подлога) на која се отпечатени фотографиите. Неговите фотографии нестварно личат на масла на платна! Таа хиперреалистичност е дополнителна вредносна димензија на овој сет фотографии.
   Настрана од предупредувањата на некои африкански ( или тоа беа јужноамерикански?!) племиња дека чинот на фотогра-фирањето им ја одзема и заробува нивната душа, што е суштина на фотографијата ако не заробување на енергијата на нештата?
   “Кликањето” по избор на случајност е моменталната димензија на дигитализираноста на фотографската технологија, денес толку глобализирана со “фејсбукманијата”, па речиси да не постои делче од Земјината топка кое не е прикажано илјадници пати на секакви интернет- сајтови, од официјално промотивни до сосема приватни. Што можат да (на) прават мајсторите на фотографијата во тоа глобално село?
   Ако изложбата “Убавината ја живееме” претходно делумно веќе беше естетски проверена со објавата на фотографии на Љупчо Илиевски во водечкото фотографско списание на денешнината, “Нешенел џиографик”,  по втор пат во изминативе две години- или уште една потврда на правилото за факторот од страна, односно дополнително уверување дека кај нас никој не може да биде пророк во сопственото “село”, било тоа да се вика Кокино или Брајчино или друго ресенско село – јас би потсетил на една поодамнешна “ проверка” на естетиката на фотографот. Имено, во изминативе три децении токму Илиевски, покрај другите интересирања, има 4 самостојни изложби со театарска фотографија. Зошто мислам дека тоа можеби е важно (и) за оваа изложба?
    Тоа е токму “ наследството” за чувство за композиција која, претходно усовршувана во, да кажеме, “студиски” услови- театарската сцена- сега се транспонира во природниот амбиент- пејзажот. И во двата случаи се работи за естетиката на моментот, “замрзнување” токму на оној посакуван фрејм кој го отпечатува личниот визуелен ракопис.
   Многупати е кажано дека една фотографија вреди колку илјадници зборови, бидејки нејзината етимологија е – пишување во слики. Стаменоста на фотографијата наспроти поводливата логореичност на вербалниот говор секако е нејзината предност, па ако се обидеме да бидеме “ фотоекономични” во исказот, тогаш работата можеме да ја завршиме и со два три збора. “Убавината ја фотографираме” кога се работи за изложбата “Убавината ја живееме”?! Што да прераскажуваме кога можеме – можеме – да ја видиме...
   Од друга страна, пак, рековме веќе за информативната пренатрупаност, во која еден сет фотографии е капка во морето на визуелизацијата на светот околу нас. Но, секогаш постои едно мало прашање – “ Виде ли?”
   Во таа информативна екстензивност од секаков вид, токму тематските фотографии и изложби се малите фокуси, кои на сите им/ни се потребни. Зашто, инаку, се губи смислата и на сликата и на зборот. И мислам дека токму тука се работи за театрализацијата на фотографијата, како што и на театарот му е потребна фотографска рамка.
    И таму и овде се поставува истото прашање. Па, ги видовте ли птиците на Преспа, традицијата која се уште живее, брајчинската пастрмка, рибарите на брановите на езерото, безвремениот Ангел од манастирот во Курбиново, другите насликани светци, моментите од старите занаети, езерскиот мир, утрата и зајдисонцата во Преспа, тамошните јаболка, делата од керамичката колонија, Нијази – беговиот сарај...
   Треба да се видат. Во секој случај, потрошивме речиси илјада збора за десетици слики на Љупчо Илиевски. Малку или многу, не би знаеле. Но, кој може да се натпреварува со таа насликана убавина?
И нема потреба од таков натпревар...
 
КИНОПИС  41 – 42                                     СТОЈАН СИНАДИНОВ
2011 - 2012