Фотографија и зборови : Креативна синтеза

 
            ФОТОГРАФИЈА И ЗБОРОВИ:  КРЕАТИВНА СИНТЕЗА [1]
 
 
 
 
Дами и господа, драги пријатели,
најнапред сакам да им се заблагодарам на авторите Венко Андоновски и  Љупчо Илиевски што ме повикаа да бидам и јас дел од овој прекрасен проект, проект кој  вечерва ја доживува својата кулминација и доаѓа до својот апогеј. Инаку, самиот проект е поддржан од весникот „Нова Македонија“ како една совршена комбинација на зборот и на сликата и како можност читателите да имаат, едновремено, допир со убавината и со добрината, та затоа она што сакам на почетокот недвосмислено да го искажам е сопственото задоволство врзано за фактот дека кај нас се иницира и се реализира еден ваков проект.
Како што укажуваат авторите (едниот во предговорот на книгата а другиот во разговорите што со него ги имав) сè започнало мошне едноставно: со желба да им се помогне на оние што најмногу имаат потреба од тоа – телесно, духовно и економски најзасегнатите – а сето тоа да се стори со помош на фотографиите и зборовите кои секоја седмица, цела година, на страниците на весникот „Нова Македонија“ се објавуваа со можност фотографијата и 99-те зборови врзани за секоја подделна фотографија (99 зборови и 1 фотографија), да бидат откупени од читателите а средствата да се соберат и да се донираат во хумани и хуманитарни цели.
Во тоа, всушност, се состои и големината на проектот  „99 & 1“: како дигитално или хартиено достапна естетско-етичка информација и комуникација секоја седмица во весникот „Нова Македонија“, потем како книга и како изложба на фотографии и текстови врзани за секоја поодделна фотографија, но и како хуманитарна акција која еве, во овој момент, ја доживува својата конечна реализација.
Затоа сега и овде пред нас, а и изминатата година на страниците на весникот „Нова Македонија“, се остваруваше и се остварува идејата еден мал наратив да се престори во голем и тоа во време за кое мнозина сметаат дека е време на крајот на големите приказни (а меѓу нив и на наративите за просветителството и за хуманоста). Малиот наратив кој станал голем е личната приказна на двајца автори (веќе во своите зрели години) кои решиле да направат хуманитарна акција и да соберат средства за децата со посебни потребни. Хуманоста и високата етичност на овој чин е несомнена и затоа и на Илиевски и на Андоновски треба да им бидеме благодарни. Едновремено благодарни сме им и зашто од една ваква одноставна идеја, произлезе и нешто сосем неочекувано: поврзување на два креативни пристапа, едниот од доменот на класичната уметност на зборот а другиот од доменот на веќе не толку младата уметност на фотографијата.
Затоа проектот „99 & 1“ не е натпревар меѓу двајца автори за тоа што е повредно: една слика или 99 зборови! Тоа исто така не е агон од гледна точка на предоминатноста или супериорноста било на литературата било на фотографијата, односно тоа не е натпревар помеѓу уметноста на зборот и уметноста на визуелното. Напротив, тоа е една креативна синтеза од аспект на односите на уметностите, исто како што е и креативна синтеза од гледна точка на односот помеѓу mimesis-от и ekfrasis-от – простете ми за овие технички теориски поими, но и тие понекогаш се нужни, но не за да се покаже некаква ученост туку само поради потребата да се дофати секогаш посакуваната прецизност на искажувањето која никогаш не треба да премине во некаков жаргон на автентичноста!  Затоа во проектот „99 & 1“ станува збор за комуникација помеѓу уметноста на зборот и онаа на  визуелните уметности, од една страна, и комуникација помеѓу публиката на светот на уметноста и светот на хуманоста, од друга страна.
Затоа, дозволете ми, сега, сосем накратко да се произнесам и за естетичкото свето тројство овоплотено во релацијата автор-дело-публика, релација што на показ ја имаме во овој значаен проект.
Најнапред ред е да се кажат неколку зборови за авторите и затоа тргнувајќи од принципот на сениоритет започнувам со фотографот. 
Љупчо Илиевски – во маало во Тафталиџе го викавме (и денес не знам зошто) Чамец. Тој е посветен на фотографија од младини а денес професионално од неа и живее, работејќи како камерман и снимател во МРТВ. Автор е на седум самостојни изложби и учесник на голем број групни изложби и проекти (со фотографии објавени дури и во прочуениот месечник  “National Geographic”). Тој, едновремено е и пасиониран познавач на убавините на Македонија – што може да се забележи и од неговите прекрасни и мајсторски обликувани фотографии.
Венко Андоновски – блиску до Тафталиџе, отаде Вардар и отаде мостот на „Обединетите нации“, од Влае, професор и писател, полиграф и автор кој како што тргнал набргу ќе има објавено повеќе книги отколку што има години – ги наведувам во математички след: 1 книга поезија, 1 монографија за Македонија, 2 книги раскази, 3 книги новински колумни, 4 романи – последниот награден неодамна – 6 книги книжевно териски расправи, 12 драми и неколку антологии и преводи. За вредностите на неговото севкупно книжевно-теориско дело говорат многубројните награди, меѓу кои, секако, „Балканика“ е највредната.
По краткиве укажувања врзани за авторите, потребно е, сега, да се проговори и за нивното заедничко дело и за делото воопшто, а тоа во конкретниот случај е повеќе од комплексно. Зашто станува збор и за фотографијата (како уметност), но и за книжевноста како уметност на зборот, но и како поетско-прозен дискурс (одредница најблиску до самозададените ограничувања врзани за 99-те зборови).
Најнапред, еве, предлагам на увид, неколку укажувања за фотографијата и за Едната (& 1) фотографија на Љупчо Илиевски.
Фотографијата отсекогаш била раскажување приказни со помош на светлината. Не случајно во нејзиното име е вткаена врската помеѓу светлината и пишувањето (photos + graphos). Таа разкажува приказни за општеството, но и приказни за природата, приказни за индивидуите, но и приказни за колективитетите. Затоа пишувањето со помош на светлината, а особено постојното – дигиталното, денес, секому му е крајно достапно. Но, за среќа, секојдневното фотографирање за домашни потреби и уметничката фотографија се одделени со непремостлива бездна. Таа состојба е слична на онаа од автомобилската индустрија: и таму стотици милиони луѓе имаат и возат автомобили, но само малкумина се возачи на формула еден или на рели трките. И во однос на фотографијата состојбата е идентична: милијарди и милијарди фотографии, со помош на достапни дигитални фотоапарати или мобилни телефони со камера, секојдневно се произведуваат а наспроти тој квантитет стои малубројниот квалитет на успешната уметничка или агенциска фотографија. Оваа состојба е слична на состојбата што владее и во светот на уметноста кадешто комерцијализацијата на уметноста нужно водеше кон нејзино глобализирање и нивелизирање, или со други зборови кажано, кон раскажување на исти приказни насекаде во светот. Но, уметничката фотографија се одделува од овој свет на истоста, градејќи други светови на различноста, разкажувајќи нови и поинакви приказни од постојните. Во тоа се состои нејзината моќ и во тоа се состои нејзината убавина.
Затоа воопшто не е случајно што на логото на „Интернационалната федерација на уметничката фотографија“ (FIAP – Federation Internacionale de l’Art Photographique) стојат латинските зборови  – scientia-ars-lumen – „наука-уметност-светлина“, со што се укажува на јасната поврзаност помеѓу развојот на науката и на уметноста, зашто и фотографијата како занает и како уметност е можна само во контекст на забрзаниот техничко-технолошки развој, додека „пушувањето“ со помош на „светлината“ како да излегува надвор од иманенцијата и се движи кон трансценденцијата и кон метафизиката на светлината.
Инаку, познато е, дека зборот „фотографија“ првпат е воведен од Германецот Јохан фон Медлер и од Англичанецот Сер Џорџ Хершел, но фотографијата како техника но и како уметност е создадена од страна на Французите Жозеф Нисифор Ниепс (под името хелиографија во 1826) и на Луј Дагер (дагеротипија), при што расправите за тоа кој прв, но и кога, неа ја измислил сè уште траат. Денес, пак, 175 години од создавањето на „фотографија“ во 1839 година (тоа е конечниот утврден датум на „раѓањето“ на фотографијата), но и илјадници години од митското постоење на Нарцис – тој прв вљубеник во „автопортретната“ фотографија испишана врз лицето на водата – низ окото на камерата и на фотографот, како што укажува врвната уметница на фотографијата на XX век Беренис Абот,  „сегашноста станува минато“ – и во однос на природата, но уште повеќе во однос на општеството! Оттаму, како што со помош на  психоанализата човекот го осознава нагонски-несвесното така и со помош на фотографијата човекот го осознава, како што велеше Валтер Бенјамин, „оптички несвесното“.  
Затоа не е претерано ако се каже дека сиве овие белези на фотографијата се наоѓаат и во фотографиите на Љупчо Илиевски!
А сега неколку зборови и за 99 зборови на Венко Андоновски.
Кога би се обиделе да дадеме една апофатичка одредба (во духот на теолошките одредби каде што апофатички – негативно – се говори за тоа што Бог не е, а не што тој е!), секако, би можеле да кажеме дека 99 зборови не се фотоколумна, дека тие не се ни поезија, не се ниту краток расказ, а не се ни екфразис или мимесис, ниту, пак, се краток есеј. Многу повеќе, и веќе во духот на не-апофатичките одрдеби, тие се едно модерно и постмодерно жанровско лизгање од една книжевна форма во друга. Но во тоа и се состои, впрочем, протејството на современата книжевност и уметност! Затоа кога го читаме текстот на Венко Андоновски насловен како „Молитва за Големото Едно“ и кога до нас молитвено допира неговата „едноминутна новела“ врзана за фотографијата на мајсторот Љупчо Илиевски (како еден замрзнат фрем на надворешната и на внатрешната убавина на Преспа), тогаш сите ние воспримачи и на фотографијата и на зборовите, како да се слеваме и со тишината и со совршенството на врвната контемплација.
Затоа и во целина ги предавам 99 зборови од  „Молитвата за Големото Едно“, со укажување дека на нивно место со истата убавина и возвишеност, може да стои и која било од другите 55 целини на „99 + 1“:
 
„О, семоќен Создателу на Вселената! Како успеваш Ти, Големо Едно,
да ги израмниш спротивностите! Езеро, планини, небо и облаци?
Моето надворешно око така гледа. Внатрешното вели: Едно е тоа.
Езерото е разбранувана планина, планината е скаменето езеро, небото
е езеро по кое се брануваат планини од облаци.
 
Кажи ми Ти, Семоќен и нем, суров трезору на тајни, Едно ли е тоа,
Ти ли си тоа, или и Ти си имаш спротивност своја, и дали таму,
каде што Си, има мигови во кои и Тебе Ти се чини дека си Едно со
светот, како што мене сега ми се чини?“
 
Сепак, ако сакаме со најмалку зборови да ја определиме суштината на „99 & 1“ ќе треба да се каже дека целината на овој потфат, и како книга и како изложба, се состои, недвосмислено, во интермедијалното единство на врвните уметнички остварувања на фотографијата и на зборовите, на „светлописот и на лепословието“, кои во себе содржат длабоко етички праизблик!
И на крајот, но не и најмалку важно, неколку зборови и за публиката.  Рецепцијата на заедничкиот проект на Љупчо Илиевски и на Венко Андоновски, во контекст на благородната и благодарната публика на „Нова Македонија“ е несомнен, за што говори и продажбата на скоро сите сетови од проектот „99 & 1“. Оттаму, естетското доживување, поврзано со естетско-етичкиот одзив на публиката, како да ја оствари во стварност дамнешната идеја за единството на убавината и на добрината, таа античка идеја за „калокагатија“ (kalos kai agathos = убаво и добро), која денес како да е подзаборавена.  И затоа со право Венко Андоновски во Предговорот кон книгата „99 & 1“ укажува на безрезервните позитивни реакции од читателите, кои како да се навикнаа, во овој неестетски свет, да застануваат со потребната почит кон „убавината овековечена на светлописанието наречено фотографија и на краснописанието наречено – книжевност, односно лепословие.“
Затоа оваа остварена креативна синтеза на фотографијата и на зборовите има уште подлабоко значење. Таа се восприма и како единство на визуелното и на аудитивното, но и како единство на естетското и на етичкото. Таа се остварува, едновремено, и како остварување на посакуваната целина, на тоталитет на квантитативното, на стотката (99 + 1), но и на тоталитетот на квалитативното, на убавината, на добрината и на вистината на уметничкото дело во раздобјето на неговата дигитална репродуктивност.
 
                                                            ИВАН   ЏЕПАРОСКИ

[1] Воведна реч при промоцијата на книгата на Венко Андоновски и Љупчо Илиевски „99 збора & 1 фотографија“ (Скопје: НИК Нова принт, 2014) и отворањето на истоимената изложба на 14.02.2014 во „Порта Македонија“.