Чекори низ Македонија

„Чекорам по патот правлив, испреплетен со други патишта. За миг се чувствувам загубено, како дете во безбројни приказни. Кој пат да го одберам? Од која приказна да почнам”?

Љупчо Илиевски е уметник, кој зборува преку фотографскиот апарат. Секоја негова слика е нов чекор, нов пат, бидејќи фотографијата е  неговиот живот. За животот, пак, тешко е да се говори, тој се сфаќа и се разбира единствено со живеење и безрезервно учество. Затоа и за неа (фотографијата), која пред се е простор на нашиот одраз, авторот говори на многу начини и во различен контекст.

Можеби мигот забележан на овие фотографии ќе ве пренесе во една земја каде што сè уште опстојува духот во фреквентноста и разнообразноста, поради што оваа земја е и толку убава.
Можеби на овие фрагменти ќе гледате како на романтични амбиенти, но секое време има своја романтика, дури и кога современоста ни се чини еднолична, без идеали, песимистичка.

Зошто е убаво да се видат фотографиите на Љупчо Илиевски?

Затоа што со нив и јас одново и одново се чувствувам чудесно како турист во сопствената земја: сè ми е некако познато, ама и ново, сè е некаде видено, но не е допрено, не е вдишано, не е зачекорено.  Бидејќи со секој километер од патот по кој ве води, љубопитноста Ви расте...

Мислам дека е од полза за мојот современик да согледа колку малку му е  потребно на човекот за да живее мирно и хармонично. Она што  го гледа Љупчо Илиевски преку својата бленда го отвора прашањето за смислата на едноставната природна убавина. Бидејќи на ова мало парче земја сè уште опстојува духот. А таму каде што има дух, има духовитост и ведар муабет. Затоа, овие фотографии нека ве доведат во Македонија. На муабет, на трошка чиста, возбудлива авантура. На еден чекор во Македонија.
Силвана Бркуљан