Нашата света планина во светот

Нашата света планина PDF

Лајф Магазин
Октомври 2008

•    Силвана БРКУЉАН

Љупчо Илиевски е фотограф. Еден од оние на кои апаратот им дел од ,,рубата“ што ја носат. Со него никогаш не терал ,,занает“, туку само уметност. Без оглед што таа, на овие наши простори се гледа само како слика...

Минатиот месец, во National Geographic беше објавена репортажа за Кокино. На десетина страници, зборови за историјата, за иднината... за нашето одсликано постоење на овие простори. Зборовите притоа ќе беа празни, доколку ги немаше фотографиите од овој локалитет. Вистински, нефризирани, чекани и дочекани фотографии. Слики кои ве носат во иреалноста, потврдувајќи уште еднаш по кој знај кој пат, дека земјава ни е прекрасна. Податокот дека фотографиите за Кокино се и првите објавени слики на македонски фотограф во ова престижно списание зборува сам по себе, а раскажува многу и за човекот. „Кога бев млад беше сон да се земе таково списание за да се разгледа. Бројот се набавуваше од странство и се чуваше како реликвија. Се учеше од него“, го започна разговорот Љупчо и додава:„Рецепт да се објави слика во НГ не постои - да го има, секој фотограф на светот би го искористил. Единствено знам дека треба да се сака фотографијата до бескрај. Да се почитува и да се негува. Денес има телефони со 10мб и секој може да слика. Но критериумите за добра фотографија сепак останаа исти“.


„Фотoграфијата е егоистична (таа е од женски род) и бара цел човек. Во неа мора да бидеш подготвен и на порази и на победи“.


Во 2005-та година, НАСА го стави Кокино на четвртото место на листата на најстари и најважни астрономски опсерватории во светот. Всушност репортажата за Кокино беше и воведната во првиот број на Лајф магазин. Пред три години бевме на оваа света планина и се вративме со едно посебно чувство, кое тогаш ми велеше: 4000 години, побиваат 4000 говорници за нашето (не)постоење. Инфраструктурата тогаш беше никаква, подеднакво и организацијата, но си реков сепак треба време, зар не. Но, ние и со сето време пред нас сепак остануваме инертни, неорганизирани, разјадени, неинформирани. Исто како и пред три години. „Испадна: американците го признаа, па они и нека си ја бркаат работата“, разочарано раскажува Љупчо и додава: „Луѓето направија се од нивна страна. Оспособија кадар, носеа туристи... но не е тоа тоа. Промоцијата и популаризацијата на Кокино од наша страна изостанува иако има и материјали за каталози, сувенири, разгледници. За три години, локалитетот, ознаките, начините како да се стигне до Кокино требаше да бидат направени до перфекција, а не да се стигне само на ниво на импровизација“.
Основната причина за ,,гневот“ на Илиевски лежи и во податокот дека и по седум години од Кокино нема репрезентативна изложба или пак монографија, со која би излегле во светот. Љупчо вели: „Приказната наречена Кокино е приказна долга 7 години. Во тие седум години, најмалку 150 пати сум бил во Кокино... не постои период од годината, од денот, во кој не сум се соочил со Кокино. Но, во овие седум години 90 отсто од работата ја изнесував на сопствена сметка. Овој апарат чини 5000 евра. Понекогаш се чуствувам како крадец, кој украл од сопствените деца“.
„Уметноста и промоцијата чинат, а тоа ние многу често го забораваме. Но, прилепскиот инает во мене, не ми дозволува порази. Неможе да ме убеди некој дека овој материјал не треба да види виделина. Ова е чест и за локалитетот и за авторот, но им се скусува можноста и на многу гледачи. На крајот на краиштата каква е таа уметност, ако немаш фитбек од народот. Интернетот е тука,  и нас не има таму (www.кokino.org.mk ), но дали е тоа единствена солуција. Ние за само неколку месеци имавме над 4000 посетители, тоа е огромна бројка. Огромна желба на тој, таа, на тие, да го видат и да го почуствуваат Кокино“, потенцира Илиевски.


Култниот даб пред Кокино е моето свето место. Секое доаѓање и заминување од Кокино, мене ми почнува со поздравот со тој даб. Постои една стара македонска приказна што кажува: На единечно дрво на Света планина, претците кинеле дел од својата облека, го закачувале на дрвото и замислувале желба. Јас тоа се уште го немам направено, најверојатно имам многу желби.


Иако приказната за ,,нашата“ промоција на Кокино во светот не сакав да ја терам во правец на објаснувањето на локалитетот, туку да ни ја раскаже еден фотограф преку неговиот ’фрагмент во окото’, сепак светоста на оваа планина ме врзува во муабетот. Зборувате за неа, а не за нејзините слики. Зборувате за природата, а не за нејзиниот отпечаток.
„Кокино е една света планина. Моето приближување кон неа буди култ на почит. Уште првата средба беше на ’перчење’, се сеќава Љупчо. „Бевме наострени еден кон друг како да почнеме да комуницираме, бевме како на мегдан. Има многу мистика што излегува од секој агол на таа планина. И сега, како таа мистичност да ја доведете до некои уште повисоки нивоа, за да представите место на кој еден народ со генерации го минувал својот живот. Тоа требаше достојно да се изработи. Тие камења имаат душа. Непредвидливи се и од минута во минута ја менуваат бојата. Кршливи се и обложени со мов, еден миг ако пропуштите сте го загубиле за век и векови - и тоа не се повторува“.
„За некои слики, како што се астрономските на пример, треба подготовка. Шест месеци претходно се најавува дека месечината на пример ќе биде на тој и тој нишан, ќе има такво и такво патување, најдобро за гледање ќе биде од таа и таа точка. И тогаш почнуваат математиките - мои и нивни - колкаво е видното поле, па кои објективи се потребни, па филтри, филмови... и сето тоа под тензија дека мораш да направиш слика,  бидејќи нема поправен. Шест месеци се трудиш и правиш се и во еден миг кој трае толку колку еден миг, поминува облак и ти ништо не си направил. Се чуствуваш поразен и тоа нечесно поразен. Природата зема, не се дава. Но, го има и она но. Има мигови кога ќе ја начекаш и ќе и наплатиш со камата. Таква е и една фотографија за која денес многумина мислат дека е ’боена и фризирана’. Но таа е чиста ’природа’. Многу пати интуитивно ги чувствувам фотографиите. Многу пати рациото не го послушувам (хе-хе)... и затоа успеав да ја сликам таа појава што траеше многу кратко. Да, природата не се повторува.


И благодарам многу на екипата што работеше со мене. Никој неможе сам во едно толкаво надмудрување со природата. Толку опрема да се искачи, по сонце, дожд...


Пред  National Geographic, и Лајф магазин во минатиот број објави еден дел од импозантните ’чувства’ на Кокино. Следејќи ги правилата на НГ(кои патем вклучуваат и добри авторски хонорари), ми беше чудно што сопственоста врз фотографиите и натаму остана кај авторот т.е Љупчо Илиевски. Како?
,,Фотографиите останаа во моја сопственост, објаснува Љупчо. „Така се договоривме од едноставна причина што сеуште не ја направивме изложбата за Кокино. Многу труд е вложен и тоа не се мери со пари. Има некои фотографии кои можат да се сликаат само еднаш во 12 години во одреден циклус. На пример, одреден зрак сонце се јавува во одреден маркер еднаш во 12 години (?!)“.
Илиевски дообјаснува дека не би сакал да се најде во ситуација да треба да подготвуви изложба, а тој да остане покус за најдобрите фотографии.
„Луѓето (од НГ-н.з) беа многу фер, ми дозволија да ги објават само еднаш, но под два услови: на монографијата да стои дека се објавени во НГ, и второ, да ја продолжиме соработката. Следни се Маркови кули, а за тоа подобра референца – амен!“.
Следната година е светска година на астрониономијата. Кокино заслужува една сериозна изложба, заслужува сериозен пристап и серизна реализација. На крајот на краиштата со еден ваков проект добива пред се државата. И во нејзината промоција и во нејзината постојаност и историја. Таа е тука, покажана и докажана. Само, каде сме ние?!