Извадоци од рецензии

.. Илиевски во своите фотографии ги фиксира оние детали што се најинтересни, најрелевантни, што одразуваат една цела философија и психологија на човекот, што одразуваат една цела негова внатрешна драма. Во трагањето на оние најситни детали, што ги доловува низ фината игра на сенките, тој донесувајки ја динамиката на масите, драматиката на страстите и сл. ја открива истовремено и поезијата на најобичните нешта. Останува да нé плени играта на светлото и темното, на радосното и тажното, кои некако секогаш живеат заедно на театарската сцена, како што постојано театарот и фотографијата се милуваат, препуштајки им се на нештата што нé опкружуваат секојдневно…              
                                                                       Иван Ивановски

…Илиевски е автор кого што го интересира човечкиот лик, мигот на актерската експресија, тој е ловец на избликот во процесот на изразувањето на ликот. Оттука И неговите творби се фотографии на мигот на еден конкретен и децидиран начин. Во нив се препознаваат неколку серии, во кои авторот гради една своевидна фотографска приказна,еден мал “филм” во кој функционираат нови прашања на речената апориска тема за статиката на фотографското дело И процесуалноста на креативното траење на актерската игра. Љупчо Илиевски разрешницата ја пронаоѓа во фотографијата во естетичка редукција, игра на црните и бели површини, и една чиста, префинето изразена композиција на елементите. Во неговите слики функционираат експресивни дијагонали, ел-композиции, строги психолошки вертикали, со еден збор една стегната изразеност за која јасно се препознава еден строг и селективен авторски дух…
                                                                     Томислав Османли  

… Осврнувајќи се на творечкиот принцип на Љупчо Илиевски подвлеков дека тој ги пушта мрежите како вредниот пајак, симболот на уметничкото творештво и притоа го чека “пленот” накрепен на своето оружје, камерата-продолжено око со изразено сознание дека радоста се чека долго, а трае кратко.
                                                                          Гоце Ристески
… За уметноста нема подобро од неа самата. Уметничките трудови на Љупчо Илиевски се сведоштво за театарот, за МОТ, за еден професионален чин и жар, но на крајот на краиштата-сами по себе станаа повод, оправдуванје и цел. Од најблиски, од нешто што ги обединил мигот-настанат со раздели на “минат” театар и “вечна” фотографија. Но, “Photoplay“ е исто игра, игра низ сенките, игра со јасните или насетени црти на актерите, игра околу позите во лет… Љупчо Илиевски резигнирано човечки нé потикнува на доживување на исконската уметничка убавина…
                                                                             Кирил Темков

...Денес  тие драматични мигови на појавување на небесните тела и борбата на светлината и темнината може да се зачуваат не само во сопствената меморија туку и во трајна форма преку изработка на фотографии од овие настани. Притоа не е доволно само да се располага со добра техничка опрема и желба за документирање на настанот. Потребно е нешто повеќе, нешто што е својствено на уметникот, кој многу посилно и посоодветно се поврзува со Косомосот. На тој начин тој се приближува до светот и свеста  на древните жители на овие простори и се обидува преку доловениот миг да ги пренесе тие археослики до свеста на современиот човек. Затоа фотографиите од настаните на просторот на мегалитската опсерваторија Кокино немаат само документарен карактер. Тие имаат нешто лично, својствено на авторот Љупчо Илиевски, што се обидува да го пренесе на секој набљудувач на неговите дела. Доколку фотографиите предизвикаат некаква емоција, па макар и неопределена, таа ќе сведочи за Вашиот личен, може да се рече и потсвесен однос и восприемање на Космосот.
                                                                     Ѓоре Ценев